Вториот главен реченичен член е подметот. Прирокот секогаш оди со подметот, односно во секоја проста реченица освен прирок има и подмет. Тој не мора да биде изразен во реченицата, но го откриваме во формата на глаголот или од контекстот.
Најлесно подметот го откриваме со прашањето: Кој?
Подметот може да биде:
1. вршител на дејство; пр.: Марија чита.
2. предизвикувач на дејството; пр.: Бомбата ја разурна куќата.
3. носител на психофизичка особина; пр.: Марија почувствува страв.
4. носител на особина; пр.: Марија е убава.
5. место на вршење на дејството; пр.: Куќата се сруши.
Во функција на подмет се јавуваат: именките (или цела именска група); заменките; придавките; броевите (најчесто со заменки или именки); да-конструкцијата и односната зависна реченица.